Валентина Панова од с. Просениково, Струмичко, заедно со семејството огледуваат и произведуваат различни видови земјоделски култури, а најмногу зелка и пиперки.
На површина од 25 декари што ја обработуваат, тие инсталирале систем за наводнување „капка по капка“. Тоа им овозможува да добијат поголем принос од културите кои ги одгледуваат. За да ја продолжат сезоната, на површина од 10 декари имаат изградено пластеници кои им носат приходи во текот на целата година. Покрај Валентина, во земјоделските работи се вклучени и нејзиниот сопруг и синот, а по потреба ангажираат и сезонски работници, особено во периодот на берба.
Валентина се занимава со земјоделство уште од мали нозе. Земјоделството продолжило да ѝ биде преокупација и во новото семејство. Заедно со сопругот на почетокот обработувале помали површини. „Со домаќинско работење, штедење и инвестирање на секој заработен денар успеваме константно да го зголемуваме обемот на работа. Тоа е нашиот принцип на функционирање кој заедно со многу вложен труд сметам ќе ни помогне и понатаму да си работиме успешно“, вели Валентина. Нивните планови за во иднина се за модернизирање и поставување фиксни пластеници и зголемување на вкупната земјоделска површина под пластеници.
Валентина Панова е долгогодишен корисник на кредит од „Микрокредитната фондација Хоризонти“ преку кредитната линија на МРФП. Парите од кредитот се инвестирани во нови пластеници со што очекува повисоки приноси на земјоделски производи. „Кредитот е многу корисен инструмент, доколку парите се плански наменети, посебно за инвестиција од која понатаму ќе има поврат. Би ја продолжиле и понатаму соработката со Хоризонти при реализирање на нашите планови“, истакна Валентина.