На 17 декември 2019 г. во Скопје се одржа настанот „Претприемач на годината 2019“. Овој настан е еден од најпопуларните настани за поттикнување на претприемачкиот дух во државата преку промоција на успешни примери на најдобрите мали и микро претпријатија. Присутни беа повеќе од 150 гости меѓу кои претприемачи, претставници на државните институции, стопанските комори, граѓански организации и медиумите.
Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) на овој настан ги промовираше активностите кои се спроведуваат како дел од проектот „CreatINNES” - Стратешко партнерство за иновации и развој на бизнис вештини во културните и креативните индустрии. Овој проект е финансиран од Европската унија во рамки на програмата Ерасмус+, а е спроведуван заедно со INI-NOVATION од Германија како водечки партнер, Budakov Films и BIC Innobridge од Бугарија, Teleberry од Унгарија и Alanam од Франција.
Тетјана Лазаревска, извршен директор на МРФП, во своето обраќање пред присутните се осврна на значајноста на креативната и културната индустрија за поттикнување на економскиот развој. „За креативноста велат дека е одраз на човечката фантазија, што шири важни социјални и културни вредности. Насочена во економијата, дефинирана како Креативна и културна индустрија, е призната како значаен сектор со значаен придонес во националниот бруто-домашен производ. Ги поттикнува иновациите и трансферот на знаење во сите сектори на економијата и претставува клучен фактор во поттикнување на економскиот развој“.
Проектниот тим на МРФП сподели информативни материјали за проектот „CreatINNES“ а заинтересираните имаа можност да се информираат и за тековните активности меѓу кои резултатите од анализата за утврдувањето на потребите од преприемачки вештини во креативната и културна индустрија како и потребите за развој на вештини за поттикнување на креативноста и креативното размислување кај бизнис секторот. Во следниот период ќе бидат презентирани и програмите за обука „Креативно размислување за развој на иновации“ и „Претприемништво за старт-апи од креативната и културната индустрија“.
Оваа година настанот се одржа по 13ти пат во организација на Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење а покровител е Министерството за економија на Република Северна Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.
{gallery}2019/png2019{/gallery}