МРФП е основана како резултат на соработката на МЦМС и Владата на Кралството Холандија во 1998 година, во време на зголемена невработеност, потрага по нови вработувања и самовработувања и во услови на тежок пристап до извори на микрокредити во банкарскиот сектор. Со пионерските чекори во претприемништвото, МРФП го даде својот придонес за намалување на финансиската и социјалната исклученост. МРФП успешно ги следеше и се прилагодуваше на измените во контекстот. Во досегашното работење (до 31.12.2019), МРФП исплати кредити во износ од над 3,37 милијарди денари (54,8 милиони евра) кон 15.847 клиенти, со што се поддржани вкупно 21.676 постојни и 6.138 планирани работни места. Освен финансиските, МРФП спроведуваше и повеќе програми во кои доминираа нефинансиските услуги. Во продолжение е кратка хронологија на развојот на МРФП.
Во продолжение е кратка хронологија на развојот на МРФП.
1998 | Основана е Македонската развојна фондација за претпријатија од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Потпишан е договор за финансирање на Програмата за микро и мали претпријатија со Амбасадата на Кралството Холандија во износ од 4 милиони евра. Раководењето е доверено на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
1999 | Акредитирани се финансиски посредници (2 банки и 1 штедилница) за испорака на финансиските услуги на МРФП составени од три типови кредити за: индивидуални земјоделци, мали претпријатија и микропретпријатија. Исплатени се првите кредити од МРФП.
2000 | Портфолиото на корисници на кредити од МРФП надмина 1.000. Поддржан е развој на одделенија за кредитирање мали претпријатија кај банките. Воспоставена е мрежа за советодавна поддршка за кредитобарателите.
2001 | Реализирани се првите активности за развој на претприемништвото, како обуки за бизнис-почетници и за жени, обуки и техничка поддршка на земјоделски здруженија, прирачници за земјоделци и воспоставена е платформа за развој на малите претпријатија.
Потпишан е договор за новата Програма за поттикнување на претприемништвото со Канадскиот центар за меѓународни студии и соработка, а со финансиска поддршка од Канадската агенција за меѓународна соработка во висина од 1 милион канадски долари.
Работата на МРФП е позитивно оценета од страна на независен експерт.
2002 | Потпишан е нов 4-годишен договор за поддршка со Кралството Холандија во износ од 5,67 милиони евра. Издадена е публикацијата Активности за мали и средни претпријатија во Македонија, како дел од проект кој обезбеди информации, анализа на проблеми и можни решенија за мали и средни претпријатија.
2003 | Потпишани се нови рамковни финансиски договори со акредитирани финансиски посредници.
2004 | МРФП воспостави гарантен фонд за недостаток од обезбедување и политички ризик. Издадена е публикацијата Поддршка на претприемништвото во Македонија со информации за финансиските и нефинансиските услуги на располагање на малите претпријатија.
2005 | Бројот на корисници на кредити надминува 3.000, со значително зголемување на типот 3 (директно кредитирање на микрокорисници). Поддржана е децентрализацијата на кредитирањето кај банките со циклус обуки за кредитни службеници од експозитури надвор од Скопје.
2006 | Организирани се студиски посети на врвни банки во Холандија и во Хрватска за раководствата на акредитираните финансиски посредници. МРФП е меѓу организаторите на првиот Европски ден на претприемачот во Македонија и поддржа подготвување индекс за корпоративна општествена одговорност. МРФП доби кредитен рејтинг ББ и позитивна оценка на работата во периодот 2002-2006 г.
2007 | Развиен е Деловниот план на МРФП за 2007–2011 година и одобрен од Амбасадата на Кралството Холандија. Бројот на корисници на кредити надминува 5.000. МРФП е меѓу организаторите на првиот избор на „Претприемач на годината“ во Македонија, направи студија за обврзници и ја објави публикацијата „Успешно искористување на фондовите ИПАРД“.
2008 | Донесен е новиот статут и избрани се членови на Советот како највисок орган на управување. Извештаите на МРФП се во целост усогласени со Меѓународните стандарди за финансиско известување. Потпишан е нов 4-годишен договор за раководење со МЦМС. МРФП обележа јубилејни 10 години . За 10 години МРФП исплати над 23 милиони евра кредити кон 5.509 корисници.
2009 | Избрани се новите членови на Одборот на старатели за периодот 2009-2012. Бројот на корисници само во 2009 година е 931. Исплатени се околу 3,7 милиони евра и поддржани 2.024 постојни и 546 нови работни места. МРФП, во соработка со Центарот за развој на нови бизниси (БСЦ) го подготви и промовира првиот извештај „Претприемништвото во Македонија“, како дел од најголемото истражување за претприемништвото во светот (ГЕМ). МРФП учествуваше во организирањето на Европски ден на претприемачот и во изборот на претприемач на годината. По втор пат е направена проценка на кредитниот рејтинг на МРФП и тој е оценет со ББ+.
2010 | МРФП обезбеди финансиска поддршка од Европската комисија за спроведување на две програми: Општествена одговорност на претпријатија и за Економски активности на Косово. Со исплатените околу 3,2 милиони евра кон 966 клиенти, поддржани се 1.748 постојни и 147 нови работни места.
2011 | Интензивно се работеше на новата стратешка рамка 2012-2016 година. Со успешна апликација до Европската комисија се обезбедија финансиски средства за програмата Промоција на женско претприемништво, во пограничниот регион Македонија-Албанија (Струга и Поградец).
2012 | Донесен е Деловен план на МРФП 2012-2016 година. Избран е новиот состав на Советот и на Одборот на старатели на МРФП со мандат до 2016 г. Започната е акредитација на нов финансиски посредник за нов кредитен продукт – факторинг. Успешно се завршени програмите Општествена одговорност на претпријатија и за Економски активности на Косово, финансирани од Европската комисија. Започната е нова програма Пат кон кариера, исто така финансирана од Европската комисија.
2013 | МРФП одбележа 15 години од своето основање. Исплатени се кредити во износ од 161,793,517 денари кон 979 клиенти што претставува 50% повеќе исплата и 24% повеќе опфатени клиенти во однос на 2012г. Акредитиран е нов финансиски посредник Фактор Труст. По четврти пат беше спроведено најголемото истражување за претприемништвото во Македонија – ГЕМ.
2014 | Исплатени се кредити во износ од 198,374,688 денари кон 855 клиенти. Ова претставува 11.7% повеќе од планираните 177,611,279 денари на годишно ниво. Во подготовка е Студијата за воспоставување на нови модели на финансирање на МП. Кон крајот на 2014 беше промовиран националниот извештај за претприемништво (ГЕМ). „Претприемач на годината“ беше организиран по 8ми пат и беа доделени награди за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија. Во рамки на проектот „Кон алтернативен туризам“ беа реализирани повеќе активности за локалната промоција на туризмот како економска алтернатива и промоција на пограничниот регион на Македонија и Албанија како алтернативни туристички дестинации.
2015 | МРФП исплати кредити во износ од 204.123.498 денари кон 1,058 клиенти. Тоа претставува 8% повеќе во однос на планираниот износ и 24% од планираниот број на клиенти на годишно ниво. Како дел од Националниот тим, МРФП го спроведе 5-то истражувањето за претприемништвото во Македонија во рамки на ГЕМ. Во 2015 г. обезбедена е финансиска поддршка од ЕУ, ЦФЦД и од УСАИД (преку Сојуз на микрофинансиски организации) за спроведување на проектите „Кон алтернативен туризам“, „Зголемување на учеството на жените Ромки на пазарот на труд“ и „Инклузија и иновации во микрофинансирање“.
2016 | МРФП исплати кредити во износ од 139,900,717 денари кон 732 клиенти. МРФП, како дел од Националниот тим, го спроведе 6-то истражување на претприемништво во Македонија во рамки на ГЕМ. Со две програми финансирани од ЕУ преку ЦФЦД, беа реализирани повеќе активности за подобрување на вработливоста на жените Ромки, а со програмата „Инклузија и иновација во микрофинансирањето“ која е финансирана од УСАИД беа реализирани обуки за финансиско знаење за повеќе целни групи, меѓу кои земјоделци, микро претприемачи и други. Избран е новиот состав на Советот со мандат до 2020 г.
2017 | МРФП исплати кредити во износ од 166,687,245 денари кон 726 клиенти. По 11-ти пат беа избрани најдобрите претприемачи во Македонија. Со програми финансирани од ЕУ и УСАИД, низ разни модели за поддршка за (само) вработување, беа вклучени 1.370 невработени лица. На крајот од 2017 г. МРФП во конзорциум со CARE Deutschland -Luxemburg и со финансиска поддршка од Европската комисија започнаа тригодишен проект за поддршка на развојот на земјоделските задруги во Македонија. Советот на МРФП го избра новиот состав на членови на Одборот на старатели на МРФП со мандат до 2020 г. Сашо Клековски е избран за претседавач, а Наташа Габер Дамјановска за заменик претседавач на Одборот на старатели.
2018 | МРФП одбележа 20 години од своето основање. Исплатени се кредити во износ од 155,415,989 денари кон 737 клиенти. „Претприемач на годината“ беше организиран по 12ти пат и беа доделени награди за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија. МРФП оваа година спроведува четири програми: Поддршка на развој на земјоделските задруги во Македонија (ЗАМ), Инклузија и иновација во микрофинансирањето (ИМА), Развој на бизнис вештини во креативни и индустрии од културата (КИН); и Погранична соработка меѓу Албанија и Косово (ТАК).
2019 | МРФП исплати 101.505.431 денари кон 585 клиенти. Традиционално по 13-ти пат се одржа настанот „Претприемач на годината“ на кој беа избрани најуспешните претприемачи во микро и мали претпријатија во нашата држава. МРФП беше дел од Националниот тим што по 6-ти пат го спроведе истражувањето на претприемништвото во рамки на ГЕМ. Освен финансиските услуги, МРФП оваа година спроведуваше активности во делот на нефинансиските услуги преку четирите програми: Поддршка на развој на земјоделските задруги во Македонија (ЗАМ), Развој на бизнис вештини во креативни и индустрии од културата (КИН), Погранична соработка меѓу Албанија и Косово (ТАК) и Инклузија и иновација во микрофинансирањето (ИМА). Последната програма заврши на крајот од септември.