Во селото Речица, Кумановско, покрај селскиот пат може да се забележи еден убаво среден двор, а тука се наоѓа куќата на семејството Станојковиќ. Од земјоделската механизација во дворот јасно се гледа дека се работи за семејство кое својата егзистенција ја обезбедува преку земјоделството. Сите членови на семејството се вклучени во работата. Најмногу одгледуваат пиперки.
„Пиперките се од многу висок квалитет, бидејќи цело време се контролира процесот на одгледување” – вели Анета Станојковиќ. За да го подобрат
квалитетот и производството, тие одлучиле да набават дополнителна механизација, затоа се обратиле до штедилницата Можности.
Кредитот им бил одобрен од средствата на кредитната линија на МРФП во износ од 5.600 евра. Со овие средства и со 6.000 евра сопствени средства набавиле садачка за пиперки, фреза и пумпи за наводнување и друга попратна механизација. Сега квалитетот на производите е зголемен и веќе обезбедиле пласман на своите производи преку еден голем домашен откупувач на земјоделски производи. „Со напорна работа и со одржување висок квалитет секогаш има пласман за производите” – ни рече Анета.