Ерол Џеладинов од Велес веќе 13 години успешно ја води „Џени компани“ која се занимава со набавка, продажба и инсталирање на сателитски антени, како и продажба на компјутерска и телефонска галантерија.
„Пред за започнам свој бизнис, 20 години работев во државниот архив во Велес како општ работник“, раскажува Џеладинов. „Во 2000, 2001 година граѓаните почнаа да ги користат сателитските антени, ова особено беше изразено кај етничките Турци кои сакаа да гледаат телевизиски канали на нивниот мајчин јазик. Побарувачката беше голема и јас во тоа видов можност. Набавив сателитска антена за себе, ја инсталирав и така започнаа барањата од пријателите да го направам истото и за нив“, се сеќава тој. Соочен со можноста, Џеладинов го напуштил работното место и го започнал својот бизнис.
Иако располагал со мали финансиски средства, бил одлучен да ја испроба својата идеја. На почетокот работел од дома каде што адаптирал дел од просторот во работилница. „Побарувачката беше толку голема на почетокот што не се постигнуваше. Проблем беше времето и луѓето што можев да ги ангажирам – и двете ми недостасуваа“, додава тој.
На прашањето што го прави успешен, Ерол Џеладинов вели дека тоа е неговата моќ на убедување и квалитетот што го нуди. Тоа го прави поконкурентен од маркетите за електроника во неговото соседство, на градскиот пазар во Велес каде се преселил во 2009 година. „Јас вршам инсталација на уредите и во најоддалечени места каде што другите компании не вршат“, вели тој.
Заемот од МРФП, преку „Хоризонти“му овозможил набавка на нова роба со чија продажба ги надминува проблемите со ликвидноста. Во последно време се соочува со висока конкуренција од страна на кабелските телевизии како и новите технологии за дигиталната телевизија. Џеладинов постојано ги следи најновите технолошки достигнувања за да остане конкурентен на пазарот. Планира да отвори нов продажен салон во центарот на Велес каде што ќе понуди компјутерска и телефонска галантерија што би бил комплементарен бизнис на постоечкиот. Во моментот работи заедно со својата ќерка, а синот му помага при инсталација на антените.