Приказна на Рамзие Амет започнува пред 30тина години. Школувањето и дипломата која ја стекнала за моден креатор, како и љубовта кон оваа уметност и помогнале со години успешно да создава прекрасни венчаници и уште повеќе да го разубавува најсреќниот момент на идните невести.
Рамзие своето работење го започнува во дуќан во Шуто Оризари, како семеен бизнис каде што и помага и нејзината сестра. Со цел да биде поблиску до потрошувачите, во 2003 година бизнисот го сели во Т.Ц. Мавровка, каде ја започнува приказната за Венесис. Во моментов со неа работат нејзината сестра и снаата Џејлан Абаз, додека во летниот период, кога обемот на работа е многу поголем, вработува и дополнителни работници.
За успешноста на овој бизнис сведочи и учеството на многу модни ревии, како и големата побарувачка за нејзините креации. Нејзини најголеми потрошувачи се идните невести, но и бутиците за венчаници, најчесто од градовите: Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, но и од Америка и Швајцарија. Рамзие најмногу се жали на недовербата на локалните потрошувачи, односно како што вели таа: „Скопјаните одат до Тетово, за таму повторно да ги купат моите венчаници”.
Интересно е што за Венесис се слуша и во Прага, каде што живее и работи нејзиниот син, кој ја наследил љубовта кон оваа дејност и веќе неколку години успешно работи под истото име.
Средствата од кредитот, добиен од Хоризонти, Рамзие ги искористила за набавка на материјали и нови машини, кои ќе и ја олеснат работата, а истовремено ќе може да ја извршува поефикасно и поефективно. Таа има многу планови и идеи за проширување на бизнисот во иднина, за кои ќе и бидат потребни финансиски средства.